Македонскиот анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ освои награда во Романија

​Македонскиот долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ ја освои наградата за Најдобар долгометражен анимиран филм на 6. издание на Galactic Imaginarium Film Festival во Романија.

​Ова е трета награда за филмот, по претходните признанија на Portoviejo International Film Festival во Еквадор и Ariano Film Festival во Италија. Со ова, филмот ја продолжува својата успешна фестивалска кариера и ја афирмира македонската анимација на меѓународната сцена.

​Режисерот Гоце Цветановски изјави дека наградата им ја посветува на сите членови на екипата и на сите оние што помогнале во ова „историско остварување за македонската кинематографија“.

​Филмот е авантуристичка научна фантастика со хумористични и сатирични елементи, а веќе беше прикажан на околу триесетина фестивали во Европа, Јужна Америка и Азија.

​Сценариото и режијата се на Гоце Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, а главните улоги ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски.