Еден од најистакнатите македонски уметници, Киро Урдин, основач на авангардното движење Планетаризам, ја отвори својата самостојна изложба „80 години – 80 дела“ во престижната ММ Галерија во Брисел.
Овој уметнички настан претставува кулминација на децениски ангажман, инспирација и глобална визија. По низа меѓународни изложби во Токио, Њујорк, Детроит, Мексико Сити, Солун и Букурешт, Урдин повторно ја става Македонија на светската културна мапа, прикажувајќи повеќе од 80 нови цртежи и слики, дел од неговата нова книга „Линии и бои“, која ќе биде промовирана токму на отворањето.
Добитник на највисоката награда „Уметник на светот“ на ОСТЕН БИЕНАЛЕТО Скопје 2024, Урдин преку Планетаризмот ја редефинира современата уметност со спојување на космички мотиви, апстрактна мисла и метафизички слоеви. Неговото дело не само што ја претставува Македонија на глобално ниво, туку и ги надминува границите на традиционалната уметност, внесувајќи длабока филозофија и универзална перспектива.
Изложбата е отворена за јавноста од 6 до 28 јуни и нуди уникатна можност за европската публика да се запознае со делото на еден вистински глобален уметник со длабоки македонски корени.