Македонскиот филм „Диџеј Ахмет“ на режисерот Георги М. Унковски синоќа освои три значајни награди на 31. Сараевски филмски фестивал:
- „Перспективи на младите“ – специјална награда на жирито.
- Награда на порталот „Cineuropa“ (вредна 5.000 евра).
- „Уникредит“ награда од публиката за најдобар игран филм.
Жирито ја додели наградата „Перспективи на младите“ за „ведра и хумористична, но и трогателна приказна“ која носи силна порака. Филмот им дава глас на младите од мала заедница, а воедно има потенцијал да допре до публиката ширум светот.
Успех на филмот и претстојна премиера
Ова е уште еден голем успех за дебитантското долгометражно остварување на Унковски, откако на светската премиера во јануари на фестивалот „Санденс“ во Јута, филмот доби две признанија: наградата од публиката и специјалната награда на жирито за креативна визија.
Официјалната македонска премиера на „Диџеј Ахмет“ ќе се одржи на 46. Фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола, кој ќе го затвори ова издание на фестивалот од 20 до 26 септември.
Филмот е сниман минатата година во селата Коџалија и Али Коч кај Радовиш и во Скопје. Главните улоги ги толкуваат Ариф Јакуп, Дора Акан, Наим Агушев и Аксел Мехмед. Станува збор за копродукција меѓу македонски, чешки и српски продукциски куќи.
Фото: Дневни Аваз