Македонскиот филм „СИЛЈАН“, во режија на Тамара Котевска и во продукција на „Конкордиа“, е избран за годинашен македонски кандидат за наградата „Оскар“ во категоријата „Најдобар интернационален филм“.
Одлуката е донесена едногласно од деветчлената Комисија за избор при Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ), која е единствена овластена институција за оваа намена.
Тежок избор меѓу квалитетни остварувања
Комисијата оваа година имала тешка задача, бидејќи избирала помеѓу три квалитетни филмски остварувања:
- „Силјан“ на Тамара Котевска
- „Ди Џеј Ахмет“ на Георги Унковски
- „Планината не оди никаде“ на Петра Селишкар
При изборот, комисијата се водела од синеастичката вредност на филмовите, силата на приказната, како и од нивната наративна, драмска и сликовна компонента, но и од критичкиот осврт кон актуелната општествена и политичка стварност.