​Македонските фудбалери остануваат лидери во квалификациите по убедлива победа

Македонската фудбалска репрезентација е сè уште без пораз во квалификациите за следниот Мундијал, откако синоќа на Националната арена „Тодор Проески“ го совлада Лихтенштајн со убедливи 5:0. По пет одиграни натпревари, „Рисовите“ имаат единаесет бода и се на лидерската позиција во групата.

​По натпреварот, селекторот Благоја Милевски изрази големо задоволство од прикажаната игра и резултатот.

​„Честитки до нашите фудбалери. За се она што го покажаа на денешниот меч. Сериозноста, професионалноста и сè останато. Не случајно изгледавме така на терен, пред сè затоа што имаме респект спрема секој противник. Македонија одигра и повеќе од добро, Лихтенштајн одигра онолку колку што му дозволи Македонија“, изјави Милевски на прес-конференцијата.

​Тој нагласи дека пристапот кон секој противник е ист, без разлика дали се работи за Лихтенштајн или за следниот противник, Белгија. Милевски е посебно задоволен од начинот на кој се постигнати головите и од професионалниот однос на целиот тим на теренот.