Во најновата епизода на светски познатата анимирана серија „Симпсонови“, ќе се појават ликови инспирирани од вистински личности од Македонија.
Серијата ќе ги претстави сестрите Невена и Калина Нешкоска и нивниот брат Наум, креатори на едукативни содржини, како и познатиот Дарко Биберко. Тие ќе бидат дел од прикаста како тим од Македонија што го освојува Спрингфилд со својата уникатност.
Невена Нешкоска на Фејсбук сподели дека активно учествувале во создавањето на епизодата:
„Учествувавме во преводот, јас бев консултант, а заедно со брат ми и сестра испеавме песна преведена од англиски на македонски. Голема благодарност до композиторката Кара Талве, која ја овозможи оваа неверојатна соработка.“
Епизодата ќе има премиера во САД во недела, 27. април, во 20:00 часот (2:00 по полноќ по македонско време) на каналот Fox.
Ова е прв пат Македонија да биде претставена во легендарната серија, што претставува голема победа за македонската културна и креативна заедница.