Македонски младински спортски дебакл – на игрите во Македонија!

Дали Македонија беше добар домаќин, дали државата беше промовирана како што треба, и дали самиот настан беше доволно добро медиумски покриен – ќе оставиме времето и јавноста да проценат. Ние, пак, ќе зборуваме за она што најмногу не загрижува: СПОРТСКИ не направивме АПСОЛУТНО НИШТО.

Во колективните спортови, единствената светла точка беше 3×3 кошаркарската селекција, која во неизвесен меч го загуби пласманот во четвртфиналето. Но и таму, факт е дека останавме во групната фаза. Во останатите спортови – ракомет, класична кошарка и одбојка – се редеа само порази. Порази кои болат, затоа што беа двоцифрени, без освоен натпревар, без освоен сет… Не видовме идеја, не видовме потенцијал. Видовме само моментални блесоци што веднаш згаснуваа, и доживувавме спортски лекции од секој противник.

Уште повеќе боли што ниту во индивидуалните спортови не сме добри – напротив, и таму изгледавме ужасно, СО ИСКЛУЧОК НА ТАЕКВОНДОТО.

Спорт кој на Македонија и донесе ОЛИМПИСКО СРЕБРО и спорт во кој и на овие игри не доближи до медал. Душица Бреслиева стигна во четвртфиналето, а и останатите претставници беа конкурентни со противниците

Сепак, мора да се спомне дека нашите таеквондисти се натпреваруваа во услови недостојни за еден ваков настан – салата за борби наликуваше на сауна. И покрај тоа, во ТАЕКВОНДОТО имаме надеж дека можеме нешто и сега и во иднина.

За истакнување е и финалето во кајак, но се друго не знаеме ни дали треба да се спомне. Замислете ние поставуваме државни рекорди во дисциплини каде нашите натпреварувачи не можеа да изборат ниту пласман во полуфинале а не пак да бидат во борба за највисок пиедестал.

За тоа во каква состојба ни е спортот покажува и фактот дека девојче од 17 години дојде во Скопје и постави рекорд во скок со стап кој е пола метар повисок од МАШКИОТ СЕНИОРСКИ РЕКОРД во Македонија!

Проблемот е во тоа што ова не е случај само на европскиот младински олимписки фестивал туку секојдневие, односно ние на сите натпреварувања сме само статисти и се натпреваруваме само заради спортскиот дух на олимпизмот правилата на светските федерации да даваат шанса на сите.

Ако погледнеме во резултатите, секоја земја, Србија, Албанија, Косово, Хрватска, Романија, Грција, Бугарија од регионот но и сите други се добри барем во еден спорт, конкурентни со големи резултати, само ние сме ужасни и секогаш со максимата, важно учествувавме!

Во овие моменти се игра Европското кошаркарско првенство во кошарка за играчи до 18 години, а ние имаме порази од по 30 разлика, каде нашите играчи не пренесуваат топка преку пола, прават аматерски грешки и имаат проценти на шут еднакви на маалски баскет. Пред две недели игравме Б дивизија за играчи до 20 години и завршивме на 17 место. Да потенцираме Б дивизија.

Таква беше сликата и во женската кадетска ракометна репрезентација каде со судни маки го избегнавме последното место а бележевме високи порази.

Не сме добри ниту во одбојка во младинските категории, поместувањата се минимални а поразите и понатаму убедливи.

Светот овие денови се восхитува на светското првенство во пливање, а ние освен на телевизија не можеме поинаку да гледаме, затоа што немаме пливач кој ќе обезбеди норма за истото.

Убаво е да се видат фотографии како се градат спортски терени за различни спортови, но време е да почне да се гради поинаква стратегија. Ние немаме машини за шутирање во кошарка, немаме теретана тренинзи во спортовите, немаме олимписка сала, немаме затворени базени во сите градови, тениските терени ни се празни затоа што немаме ниту кој да тренира ниту кој би ги тренирал тие деца а атлетските патеки се направени во СФРЈ.

Немаме ниту стратегија за стипендирање талентирани деца во странство кои ќе може да напредуваат.

Во ред е да бидеме помалку талентирани но ние немаме ниту систем кој ќе го компензира помалиот талент и со вредна и исправна работа ќе носи резултати. Постојано слушаме дека имаме спремни тренери, сертифицирани а нашите играчи кои учат од такви тренери изгледаат смешно во споредба со талентите од другите земји.

Ние во 30 години независност сме изградиле само еден спортист кој дојде до Олимписки медал. Двоецот Борче Костовски – Дејан Георгиевски.

И можеби уште поважно САМО ДВАЈЦА СО ОЛИМПИСКА НОРМА – Георгиевски и кајакарот Атанас Николовски.

Токму затоа таеквондото мора да го има приматот кога се во прашања вложувањата на државата, бидејќи резултатите во другите олимписки дисциплини ни се смешни и МОРА ДА ИЗНАЈДЕМЕ СТРАТЕГИЈА КОЈА ЌЕ НЕ ИЗДИГНЕ ОД ДНОТО!!

Доста се лажеме дека сме спортска нација, затоа што резултатите ни се послаби од оние на Андора, Сан Марино и слични држави.

Пишува: Кирил Стојанов (МакСпорт)