Црвени пиперки произведени во Македонија се повлечени од пазарот на Европската Унија (ЕУ) откако во нив било пронајдено високо ниво на пестицидот метомил, супстанца позната по својата висока токсичност за луѓето, пренесуваат регионалните медиуми.
Информацијата ја објави Европскиот систем за безбедност на храната (RASFF). Пиперките биле увезени во Хрватска, каде што по официјалната пазарна контрола спроведена на 23 септември, била пронајдена штетната супстанца на ниво од 0,049 милиграми метомил на килограм.
Оваа количина е пет пати поголема од дозволената содржина, која изнесува 0,01 милиграми метомил на килограм. Поради тоа, било наредено производот веднаш да се повлече од пазарот на ЕУ. Официјалното известување од RASFF е објавено на 3 октомври.
Метомилот е карбаматен инсектицид воведен во 1966 година и е познат по неговата висока токсичност за луѓето и животните.