Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) ја лансираше новата национална кампања „Македонско Најдобро: Наша традиција, наша гордост“ со цел да го зајакне домашното земјоделско производство и да ја подигне јавната свест за вредноста и квалитетот на македонските земјоделски производи.
„Кампањата е насочена кон зголемување и осовременување на домашното земјоделство, поддршка на руралните средини и нивниот економски развој, како и промоција на автентичните македонски производи“, соопштија од МЗШВ.
Во рамки на иницијативата е активирана и дигиталната платформа makedonskonajdobro.mk, преку која земјоделците, производителите и трговците можат да се регистрираат и да ги промовираат своите производи. Платформата нуди интерактивна мапа „Каде да купам“, која преку геолокација ги насочува потрошувачите до најблиските продажни места со домашни земјоделски производи и преработки.
Се најавува и мобилна апликација која ќе обезбеди уште полесен пристап до информации за македонските производи.
„Со секое купување на македонски производ, не само што обезбедуваме храна на нашата трпеза, туку вложуваме во економскиот развој, создавање нови работни места и иднината на Македонија“, порачуваат од Министерството.
Кампањата има за цел да ја врати гордоста во домашното производство и да ги поврзе потрошувачите со земјоделците – од нива до трпеза.