Поранешниот заменик-министер и актуелен политички аналитичар Јани Макрадули преку објава на својот Фејсбук профил иронично ја критикуваше работата на актуелната Влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Макрадули изрази сомнеж во нивната способност да се справат со реалните проблеми и да ги исполнат предизборните ветувања. „Ние помисливме дека се гоштеваат со папаи и манга, ама тие учеле, па разработувале тези, куцале на компјутер и го средувале печатењето“, напиша тој.
Во објавата, тој саркастично наброја и неколку „теми“ кои, според него, треба да се очекуваат од Владата:
- Оправдување за застојот во ЕУ процесот со барање на гробот на Александар Велики.
- Декласификацијата како опасност за „паѓање на маските на жртвите“.
- Директна пропорција помеѓу падовите во РЕК и увозот на струја.
- Софтвер програмиран од градежна фирма.
- Компаративна анализа на дивоградби во Македонија и Албанија.
- „Скандинавски приказни“ за мали деца и големи гласачи.
Макрадули заклучи дека со ова темпо, Владата наместо да се справува со вистинските проблеми, ќе се најде на „Шангајската листа на апарати“, алудирајќи на сериозниот пад во квалитетот на работата на институциите.