Поранешниот заменик министер и член на СДСМ, Јани Макрадули, изрази силна поддршка за кандидатурата на Каја Шукова за градоначалничка на Скопје, истакнувајќи дека таа е личност со капацитет и визија за решавање на наталожените проблеми во главниот град.
„Неспорно е дека, ако ги споредите сите кандидати, госпоѓата Каја Шукова има таков капацитет што најмногу му треба на градот, нов инфраструктурен приод во решавањето на проблемите што ги остави ВМРО-ДПМНЕ“, рече Макрадули во емисијата „Вести плус“.
Тој нагласи дека искуството на Шукова, особено во областа на животната средина и инвестициите, ја издвојува од другите кандидати.
„Како капацитет и квалитет, таа отскокнува далеку повеќе од другите кандидати – тука нема збор“, изјави Макрадули, додавајќи дека еуфоријата или политичките притисоци понекогаш знаат да доведат до поинакви резултати на изборите, но времето ќе покаже дали одлуката на граѓаните ќе биде исправна.
Тој ја критикуваше и површната изборна реторика која, како што рече, не смее да се сведува на прашања од типот „кој ќе купи поубав автобус“.
„Тоа не му треба на Скопје. Ни треба нова инфраструктура. Сега не можете да стигнете од Капиштец до Парк со автобуска линија. Некои улички се тесни, сообраќајниот систем е нефункционален. Претходниот систем што го предложи Шилегов беше едно од решенијата“, порача Макрадули.
Според него, Скопје има потреба од целосно нов урбанистички и сообраќаен пристап, соодветен на современите предизвици, а Шукова е кандидатка која нуди токму таква перспектива.