Францускиот претседател Емануел Макрон остро ги осуди плановите на Израел за проширување на воената операција во Газа, нарекувајќи ги „катастрофа во најава“ и „движење кон бесконечна војна“.
Минатата недела, израелскиот безбедносен кабинет одобри план за преземање контрола врз Газа, што предизвика силни реакции во земјата и во странство.
„Објавата на израелскиот кабинет за проширување на операциите во градот Газа и бегалскиот камп Маваси, како и за повторна окупација, најавува катастрофа од невидена сериозност“, изјави Макрон.
Според него, главни жртви на оваа стратегија ќе продолжат да бидат израелските заложници и народот на Газа.
Во исто време, Палестинците пријавија најсилно бомбардирање во последните неколку недели, што се случи источно од градот Газа, само неколку часа откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека очекува брз крај на проширената офанзива.
Макрон предложи формирање на меѓународна коалиција со мандат од Обединетите нации за стабилизирање на ситуацијата во Газа.