Макрон: Признавањето на Палестина е морална обврска и политичка неопходност

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека признавањето на палестинската држава претставува не само морална должност, туку и политичко барање, нагласувајќи дека овој чекор мора да се разгледа внимателно и условено.

Во пресрет на конференцијата на Обединетите нации за изнаоѓање решение за блискоисточниот конфликт, која ќе се одржи од 17 до 20 јуни во Њујорк, Макрон од Сингапур порача дека Европа мора да ја зацврсти својата позиција кон Израел, особено ако не се преземат итни чекори за подобрување на хуманитарната состојба во Појасот Газа.

„Ако израелската влада не одговори соодветно во наредните часови и денови, Европската унија ќе мора да го преиспита Договорот за асоцијација со Израел и да воведе санкции,“ предупреди Макрон.

Признавањето на палестинската држава, според него, ќе биде условено со неколку клучни елементи:
– ослободување на заложниците од страна на Хамас,
– целосна демилитаризација на Хамас,
– негова неучество во идната палестинска власт,
– реформирање на палестинската самоуправа,
– признавање на правото на Израел да постои и живее безбедно,
– воспоставување одржлива безбедносна структура во регионот.

„Франција ќе биде целосно посветена на градењето долготрајно решение. На 18 јуни ќе бидам во Њујорк за да го поддржам овој процес,“ истакна Макрон, кој заедно со Саудиска Арабија копретседава со конференцијата за решението со две држави.