Директорот на фестивалот „Браќа Манаки“, Димитрија Доксевски, на денешната прес-конференција соопшти дека 46-тото издание на фестивалот, под мотото „Сон на платно“, ќе биде отворено и затворено со два македонски филма.
Филмот „Мајка“ на режисерката Теона Стругар-Митевска и кинематограферката Виржини Сен Мартан ќе ја отвори главната програма „Златна камера 300“. Фестивалот, пак, ќе го затвори филмот „Диџеј Ахмет“ на Георги Унковски и Наум Доксевски на 26 септември.
Доксевски истакна дека изборот на два македонски филма е резултат на нивниот висок квалитет, кој е веќе признат во светски рамки.
„Имаме прекрасни и квалитетни филмови, кои заслужуваат да го отворат и затворат фестивалот. Јас сум радосен и среќен што со македонски филм ќе се отвори и ќе се затвори, не заради тоа што тие филмови се наши, македонски, тие се филмови признати во светски рамки“, изјави Доксевски.
Тој додаде дека „Мајка“ пред еден месец отворила фестивал, а „Диџеј Ахмет“ е добитник на многу награди, вклучувајќи и од филмскиот фестивал „Санденс“.