Марко Пејчиновски е синоним за непоколеблива волја и надминување на границите. И покрај тоа што се соочува со Пертесова болест, која го ограничува користењето на нозете, тој стана најмладиот маратонец на Охридското Езеро, а во 2022 година исплива неверојатни 250 километри за едно лето. Неговата приказна е постојан доказ дека физичките предизвици се само почетна точка за вистинската, ментална борба.
Во ексклузивно интервју, Марко отворено зборува за најчудните мисли на 22-часовниот маратон, како научил да ја сака болката и како го доживува Охридското Езеро како свој најголем учител.
Разговараше: Виктор Азманоски
Азманоски: Подвигот од 64 километри траеше скоро 22 часа. Што се случува во Вашата глава во тие часови? Дали умот влегува во состојба на медитација, или тоа е константна борба со мислите за предавање? Која е најчудната мисла што Ви паднала на памет додека пливате во текот на ноќта?
Пејчиновски: Мислите во текот на еден маратон се базирани на тоа уште колку преостанува до крајот. На самиот почеток од една страна имаш трема, а исто така си возбуден, но веднаш после тоа ќе се сетиш дека си на почетокот, а пред тебе има уште 64 километри и умот влегува во фаза на мисли кои на секој момент те прашуваат уште колку до крајот. Чудни и фрустрирачки мисли се кога ќе се сетиш на некоја песна која не целосно ја знаеш и ќе се заглавиш на текстот до поента каде што треба да измислуваш нов текст за песната. Но најчудни се оние кога ќе ми се изјави желба за да јадам, и почнувам да размислувам на сета храна која ќе ја изедам штом завршам. Потоа, како и во секој маратон во мојот живот, има момент каде нешто ќе се случи, и од тогаш па скоро до крајот ти доаѓаат најлошите мисли. Сета болка што ја имаш доживеано, сите лоши спомени и неубави предвидувања за иднината ти доаѓаат одеднаш и остануваат со тебе. Тогаш умот се обидува да те натера да се откажеш, пливањето престанува да е предизвик бидејќи тогаш си сам против себе, заклучен во твоите мисли со кои мораш да се соочиш. Но научив тоа да го сакам, бидејќи е фаза каде можеш најдобро да се пронајдеш и до кој степен си подготвен да дадеш жртва за да успееш. Затоа го сакам маратонското пливање бидејќи нема каде да бегаш од проблемите. На крајот, уморен од психичката битка, те понесува еуфорија и доаѓаат чувствата на среќа, гордост и благодарност.
Азманоски: Многумина го гледаат Охридското Езеро како прекрасна глетка, но Вие го доживувате на многу подлабоко, скоро мистично ниво. Како се промени Вашата перцепција за езерото од првиот маратон на 12 години до денес? Дали езерото го чувствувате како пријател, противник или сојузник во Вашата битка?
Пејчиновски: Јас се пронајдов во езерото и ми стана втор дом. Пред да започнам со моите подвизи го гледав само како место за забава и уживање, но денес го гледам како учител од кој сум научил што значи да дадеш сè од себе, да научиш да пливаш во брановите наместо да чекаш да поминат, никогаш да не се откажеш, ме научи дека успехот не е кога ќе ги кренеш рацете на целта, успехот е одлучноста, решителноста, упорноста, пожртвуваноста и непоколебливоста да продолжиш без разлика на искушенијата… Лекции кои ги користам во мојот секојдневен живот, како и лекции со кои можам да поучам некого е тоа што езерото мене ме научило.
Азманоски: Откако ја кренавте летвичката на 250 километри во едно лето, што остана како недостигнат спортски сон? Дали постои некој светски предизвик – езеро или море – што го гледате како логичен следен чекор во Вашата кариера?
Пејчиновски: После сите подвизи во Охридското Езеро, се почувствував како да ми треба одмор, езерото повеќе не го гледав како предизвик, но и се чувствував како да си имам докажано сè. По одмор од 2 години, некако се поклопија коцките да се спремам за мојот најголем предизвик досега, односно модифицираниот Ironman триатлон од 107 километри кој годинава успеав да го завршам. Најголем предизвик токму поради болеста која ја имам и која ме спречува да трчам. Беше потребно да дадам сè од себе за да успеам и не знам дали ќе имам во животот потежок спортски предизвик. Ќе излажам ако речам дека немам желба за Ла Манш, но во моментов имам тешка повреда на рамото и сè додека не ја средам не можам да размислувам на таков подвиг.
Азманоски: Вашата состојба, Пертесовата болест, Ве насочи кон пливањето и Ве дефинира како маратонец. Дали некогаш сте ја почувствувале дијагнозата како таен „дар“ што Ви овозможи да пронајдете сила и цел што можеби немаше да ги пронајдете во поинаков живот?
Пејчиновски: Болеста веќе некое време ја гледам како скриен благослов. Сфатив дека сè е со причина, а Бог има поголем план од нашиот. Ние ограничено го гледаме патот и посакуваме работи кои некогаш би ни наштетиле, а Бог ги гледа сите препреки на патот и прави работи што нам не ни се разбирливи, но се за подобро. Исто како и оваа болест, најпрво ја гледав како хендикеп, но токму поради таа болест јас започнав со пливање, ги достигнав сите успеси, а по патот научив лекции кои се бесценети.
Азманоски: Како млад човек, се соочувате со нивоа на физичка болка што ретко кој ги искусува. Како ја дефинирате болката? Дали научивте да ја игнорирате, прифаќате или да ја користите како гориво? Кој е клучниот момент кога болката се претвора од ограничување во мотив?
Пејчиновски: Голем дел од мојот живот е поминат во болка, физичка и психичка. На некој чуден начин почнав да го сакам тоа чувство. Причината за тоа е бидејќи е вистинско чувство… Среќата може да е лажна, тагата, љубовта… Но болката не. Кога поминувам низ лош период, сум благодарен за тоа бидејќи е нова можност за да научам нешто од животот, исто така сум благодарен што ми се случува на мене отколку на некого што го сакам, бидејќи знам дека ќе издржам и ќе дојде подобро утре, а кога нешто му се случува на мој сакан не можам тоа да го поднесам. Чудното е кога тоа подобро утре ќе дојде, се чувствувам анксиозно за кога повторно ќе се врати лошиот период.
Азманоски: Вашиот татко е со Вас на секој чекор, и како родител и како тренер. Како ги балансирате тие две улоги? Дали некогаш имало момент кога таткото морал да „пресече“ и да го игнорира тренерот (или обратно) за Ваша безбедност или ментално здравје?
Пејчиновски: Јас имам чуден стил на пливање, каде не ги користам нозете додека пливам, и освен ако не правам нешто навистина погрешно, најчесто ме остава сам да го пронајдам стилот. Неговата улога отсекогаш била психички да ме спреми за предизвиците. Наместо да ме учи нов стил, тој ме советуваше да поминувам што повеќе време во вода, за да се поврзам со неа, да дишам во неа, односно да станам “човек – амфибија“ – воден човек. Имало моменти кога сум пливал во катастрофални услови, тогаш му било криво или го болело гледајќи ме како се мачам, но знаел дека тоа ми е потребно за да сум потполно подготвен за сè. Да имав уште 100 животи, во секој од нив би го избрал и како татко и како тренер бидејќи не можев да најдам подобар.
Азманоски: За 20 години, што би сакале луѓето да го паметат како најважното наследство на Марко Пејчиновски? Дали тоа се испливаните километри или нешто што е подлабоко – можеби пораката за менталното здравје, справувањето со предизвици или нешто трето?
Пејчиновски: Би сакал да оставам трага и презимето Пејчиновски да го паметат повеќе отколку мене. А јас ќе дадам сè од себе за да ме паметат како човек од Бога, кој се труди, помага, мотивира и инспирира. Ќе се обидам да влеам надеж во сите за подобро утре. Ќе направам нешто што ќе живее засекогаш…