Марта Кос: ЕУ загрижена за прекумерната употреба на сила врз демонстрантите во Србија

Европската Унија внимателно ја следи ситуацијата во Србија во врска со протестите што се одвиваат во повеќе градови, предупредувајќи на прекумерна употреба на сила од страна на полицијата. Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, изрази сериозна загриженост за постапувањето на безбедносните сили кон демонстрантите, особено студентите.

„Внимателно ги следиме извештаите за прекумерна употреба на сила против демонстрантите во Србија“, напиша Кос на социјалната мрежа X.

Таа потенцираше дека основните демократски права, како што се правото на мирен протест, слободата на изразување и собирање, мора да бидат безрезервно заштитени.

„Остро ги осудуваме сите форми на омраза и насилство. Основните права и вредности мора да се почитуваат“, нагласи Кос.

Изјавата доаѓа во време кога Србија е потресена од масовни граѓански протести, предизвикани од начинот на кој државните институции се однесуваат кон демонстрантите и кршењето на човековите права. Европската Унија ја повика Србија на воздржаност, дијалог и почитување на владеењето на правото.