Кандидатот за градоначалник на СДСМ, Марјан Даскаловски, на големиот митинг во Струмица повика на единство, истрајност и продолжување на развојот на градот, истакнувајќи дека Струмица е успешна благодарение на заедничкиот труд на сите граѓани.
Даскаловски нагласи дека развојот на Струмица во изминатите дваесет години е резултат на посветеноста на сите, а не на поединци.
„Струмица живее, дише, расте, и тоа не е заслуга на еден човек. Тоа е заслуга на сите вас. Секој што дал, секој што верувал, секој што не се откажал, тоа се луѓето што ја пишуваа оваа успешна приказна на Струмица,“ порача тој.
Кандидатот упати силна порака до оние кои се обидуваат да го сопрат напредокот на градот преку негативни методи, повикувајќи на „водење со љубов, работа, идеја и храброст“.
„Да не дозволиме манипулатори да ја окупираат Струмица. Да не дозволиме стравот да ја сопре успешната приказна. Со страв не се гради. Со поделби не се оди напред. Со уцени не се победува,“ рече Даскаловски.
Тој заклучи дека Струмица „не заслужува пауза, Струмица заслужува иднина“ и ги повика граѓаните на 19 октомври да излезат и да дадат поддршка на нова генерација што ќе ја продолжи приказната „смело и одговорно“.