Масовен предупредувачки протест во Прилеп: Граѓаните против отворање рудник за мермер во Леково

Граѓанската иницијатива „Спас за Прилеп“, заедно со активисти за заштита на македонското културно наследство, најави масовен предупредувачки протест за понеделник, 11 август, со цел да го спречи отворањето на рудник за мермер во месноста Леково, кај Прилеп.

Според организаторите, протестот ќе започне во 7:30 часот наутро, на раскрсницата пред рудникот „Сивец“, каде што граѓаните ќе се соберат за мирно, но гласно да го искажат своето противење на, како што велат, „еколошки штетниот и културолошки опасен проект“.

„Сакаме јасно да испратиме порака – не сакаме рудници во нашите планини и села, не сакаме да ни го уништуваат воздухот, водата и историјата во името на профитот“, велат од иницијативата „Спас за Прилеп“.

Организаторите предупредуваат дека отворањето на рудникот сериозно ќе ја загрози животната средина, ќе предизвика деградација на локалниот екосистем и ќе стави под ризик археолошкиот локалитет „Каракамен“, кој се наоѓа во непосредна близина.

Дополнително, како што истакнуваат, најавениот рударски зафат се спроведува без транспарентна јавна расправа и без вклучување на локалната заедница во процесот на одлучување.

„Овој протест е предупредување – ако институциите не реагираат, граѓаните ќе продолжат со поинтензивни активности“, велат од движењето.

Настанот ќе биде медиумски покриен, а организаторите повикуваат на мирен и достоинствен протест, со што сакаат да испратат порака за единство и решителност на локалното население во одбрана на сопствената средина и културни вредности.