Матеска со остра реакција: Лажење! Студентскиот дом во Прилеп не е надлежност на Општината, каде исчезнаа парите за салата?

Независниот кандидат за градоначалник на Општина Прилеп, Павлинче Матеска, жестоко ги критикуваше актуелните најави на политичките противници од ВМРО-ДПМНЕ во врска со образованието, обвинувајќи ги за „лажење“ и изнесување на неточни информации за надлежностите и финансирањето на капиталните проекти.

​Матеска демантираше неколку клучни точки поврзани со образованието:

  • ​Студентскиот дом – Таа тврди дека Студентскиот дом во Прилеп не е под надлежност на Општина Прилеп, туку под МОН. Според неа, реконструкцијата ќе започне дури откако ќе завршат домовите „Стив“ и „Кузман“ во Скопје.
  • ​Фасада на Рампо Левката – Најавата за фасада на гимназијата „Рампо Левката“ таа ја поврзува со пари од унгарскиот кредит.
  • ​Сала во „Кочо Рацин“ – Матеска прашува каде исчезнале парите наменети за изградба на сала во училиштето „Кочо Рацин“. Таа тврди дека салата требало да се изгради со вишок на средства во образованието уште во 2022 година, но парите ги снемало, а се дале за превоз.
  • ​Салата во Гимназијата – Кандидатката нагласува дека не функционира салата во гимназијата и дека нема пари за неа, туку се бара донација.

​Матеска упати и низа директни прашања поврзани со функционирањето на општинските установи:

  • ​Дали родителите и понатаму ќе си купуваат течен сапун за учениците и децата во градинка?
  • ​Дали хигиената, посебно во тоалетите, ќе се подобри?
  • ​Дали договорни услуги по 800.000 денари и понатаму ќе се исплаќаат?
  • ​Како се собираат донации, дали е тоа законски?

​„И сами не веруваат, но мора да прочитаат. Леле леле лажење!“, заврши Матеска.