Сузана Стојановска, мајка на Никола Стојановски, вработен во Град Скопје како лице со посебни потреби, преку социјалните мрежи алармираше дека раководителите на сектори во Градот вршат притисок врз вработените. Според нејзините наводи, на итен состанок, одржан денеска во попладневните часови, се барало сите вработени да напишат писмена изјава против нејзиниот син.
Стојановска, која јавно го објави инцидентот, ги посочи како одговорни Татјана Балаќ Сарчевски, раководител на сектор, и Марија Арнаудоска, помошник раководител на сектор за јавни дејности во Град Скопје.
Во својата објава, таа прашува дали надлежните се при здрав разум и дали сметаат дека ваквото однесување ќе помине неказнето.
„Не лепотици…цела вистина ќе излезе на виделина…за некој ден…успеавте …го разбудивте ѕверот во мене…“, напиша Сузана Стојановска, најавувајќи дека целата вистина за случајот ќе биде објавена наскоро.
Засега нема официјален коментар од Град Скопје за наводите на Стојановска.