МВР најавува навремено информирање за новите правила за патување во ЕУ

Министерството за внатрешни работи (МВР) најавува дека навремено и целосно ќе ги информира граѓаните за новите правила за патување во Европската Унија (ЕУ), со цел да се избегнат застои на граничните премини.

​Директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев, изјави дека се во постојана комуникација со европските партнери. Според првичните најави, граѓаните ќе треба да пополнуваат онлајн апликации.

​„Според сегашната регулатива, оваа апликација ќе биде онлајн, сето тоа ќе одзема време, ќе биде кратко, но ќе биде со важност од две години. Такви се првичните најави, но кога ќе ги добиеме официјалните информации од ЕУ, ќе бидат споделени со граѓаните“, рече Јанев.

​Според последните информации, системот за влез/излез (EES) ќе започне со работа на 12 октомври 2025 година. Системот постепено ќе биде имплементиран од 29 европски земји, а неговата целосна имплементација се очекува да започне од 10 април 2026 година, кога електронски ќе се пресметуваат деновите на престој.

​Во овој момент, вториот систем, ETIAS, не бара никаква акција од патниците, а ЕУ дополнително ќе информира за конкретниот датум на неговото лансирање.