Министерството за внатрешни работи објави јавен оглас за прием на 150 униформирани полициски службеници. Станува збор за нова генерација млади луѓе што ќе минат низ едногодишна едукација, обука и тренинг, пред да станат дел од системот кој, како што нагласуваат од МВР, е „гарант на безбедноста и владеењето на правото“.
Право на пријавување имаат сите лица под 25 години, со завршено најмалку средно образование, кои не се осудувани и ги исполнуваат критериумите за минимална висина – 170 сантиметри за мажи и 160 за жени.
„Да се биде полицаец е повик, не само професија. Ако си храбар, искрен, дисциплиниран и имаш интегритет – те очекуваме!“, порачуваат од МВР.
Повикот е отворен за сите непартиски млади луѓе, без разлика на пол, кои сакаат да бидат дел од силите што ја чуваат стабилноста, безбедноста и правниот поредок во државата.
Заинтересираните кандидати може да аплицираат согласно условите наведени во јавниот оглас објавен на веб-страницата на МВР.