Поранешниот руски претседател и премиер, Дмитриј Медведев, кој денес е заменик-претседател на Рускиот совет за безбедност, го коментираше убиството на влијателниот американски десничарски активист Чарли Кирк, поврзувајќи го нападот со војната во Украина.
Кирк, близок сојузник на американскиот претседател Доналд Трамп, беше застрелан во вратот додека држеше говор на Универзитетот Јута Вали во Орем, Јута. Тој беше пренесен во болница во сериозна состојба, но им подлегна на повредите.
На својата сметка на социјалната мрежа „Икс“, Медведев напиша: „Политички злосторства и атентати неодамна беа извршени од разни лево-либерални злобници кои го поддржуваат бандеровски Киев. Фицо, Кирк. Кој е следен? Можеби е време тимот на МАГА да сфати дека со поддршката на Украина, поддржува убијци“.
Медведев направи паралела со атентатот врз словачкиот премиер Роберт Фицо, кој се случи во мај минатата година. Фицо го преживеа нападот и беше подложен на неколку операции. Атентаторот, 71-годишниот Јурај Цинтула, изјави дека нападот го извршил поради несогласување со политиката на словачката влада.