МЕПСО и КОСТТ со нова енергетска офанзива: Интерконекцијата Тетово – Призрен влегува во фаза на реализација

Во време на зголемени потреби за регионална енергетска стабилност, АД МЕПСО и косовскиот оператор КОСТТ направија значаен чекор напред. На средба во Приштина, генералниот директор на АД МЕПСО, г. Бурим Латифи, предводејќи го својот стручен тим, оствари конструктивни разговори со в.д. извршниот директор на КОСТТ, г. Шабан Незири.

Во составот на македонската делегација беше и заменик генералниот директор на АД МЕПСО, Александар Пауноски, кој активно учествуваше во техничките разговори и дефинирање на следните чекори за реализација на проектот.

Средбата беше посветена на стратешкиот проект за изградба на нова интерконективна високонапонска линија од 400 kV, што ќе ги поврзе Тетово и Призрен. Овој проект е дел од поширокиот европски план за енергетска интеграција, усогласен со платформата ENTSO-E.

Проектот предвидува:

  • Зголемен капацитет за пренос на електрична енергија помеѓу Северна Македонија и Косово;
  • Подобрување на стабилноста на мрежите и сигурноста на снабдувањето;
  • Поголема ефикасност во трговијата со енергија во регионот;
  • Поттикнување на интеграција на обновливи извори и енергетска транзиција кон зелена иднина.

Двете страни се согласија на интензивирање на техничката и институционалната соработка, со јасна цел – проектот од регионален интерес да премине од планови во реалност што е можно поскоро.