Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска одржа отворен состанок со жителите на скопското село Страчинце за да им ја соопшти одлуката за одбивање на барањето за отворање каменолом во нивното село.
Министерот Меџити ги информирал жителите за професионалните и институционалните причини за донесувањето на оваа одлука. Од Министерството наведуваат дека експертските анализи јасно покажале дека отворањето на каменоломот би имало сериозни последици:
- Негативно влијание врз животната средина.
- Зголемен ризик од поплави.
- Негативно влијание врз јавното здравје.
На состанокот било нагласено дека заштитата на животот и благосостојбата на граѓаните е приоритет над секој економски интерес.
Меџити истакна дека следниот чекор е конечно поништување на концесијата на Влада, со што ова прашање ќе добие трајно решение.
Жителите на Страчинце му се заблагодариле на министерот, оценувајќи го состанокот како пример за владеење со отворен дијалог и чесна соработка со граѓаните.