​Меџити го повика Османи на дебата за Чаир

Првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити, денеска го повика кандидатот за градоначалник на Чаир од ДУИ, Бујар Османи, на јавна дебата за да се разјаснат сите прашања пред граѓаните.

​Меџити, кој е кандидат за градоначалник на Општина Чаир од коалицијата ВРЕДИ, одговараше на прашање за изјавата на Османи дека сака да дебатира со премиерот Христијан Мицкоски.

​„Мислам дека самиот г-дин Османи знае дека лаже. Го поканувам јавно да се соочиме каде сака тој, на која било телевизија и кога сака, нека избере тој“, рече Меџити по презентацијата на проектот за субвенционирање електрични возила за таксисти.

​Меџити додаде дека Османи не треба да го повикува Мицкоски на дебата, бидејќи и двајцата се кандидираат за градоначалници, а не за премиер. „Кога Бујар ќе се кандидира за премиер, може да повика на дебата и дуел со Мицкоски. Сега излезе за Чаир и нека одлучи каде и кога сака да ги разјасниме сите дилеми“, изјави Меџити.

​Тој го повика Османи да дебатираат за тоа што е направено во Чаир и што ќе се прави во иднина. Османи претходно изјави дека не сака да дебатира со „посредници“, туку со Мицкоски, тврдејќи дека премиерот стои зад проектот ВРЕДИ и е одговорен за блокирањето на ЕУ-интеграциите, анулирањето на Охридскиот рамковен договор и влошувањето на меѓуетничките односи.