На предизборната дебата на „Топ Тема“ на Телма, кандидатот за градоначалник на Општина Чаир од коалицијата ВЛЕН, Изет Меџити, отвори прашање за дивоградбите, директно прашувајќи го Бујар Османи од ДУИ дали ќе започне со рушење на нелегалните објекти, вклучително и неговата куќа.
Меџити го праша Османи дали ќе ја урне неговата куќа во Топанско Поле, која, според Меџити, е изградена на диво, а потоа легализирана по цена од 1 евро за метар квадратен.
Меџити потенцираше дека законот за легализација бил наменет за лица од социјален ризик, но, како што рече, Османи исто така живее во дивоградба.
Кандидатот на ВЛЕН истакна дека Општина Чаир се наоѓа на шестото место во Скопје по бројот на дивоградби, а на десеттото место на национално ниво.
Тој, исто така, нагласи дека во Чаир нема легализиран објект за колективно домување по принципот 1 евро, за разлика од Општина Сарај, каде вакви објекти биле реализирани од партискиот колега на Османи.