Меџити со доцна изјава за пожарот во Трубарево, читал од телефон по завршување на партиските активности

Министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, дури во 03:00 часот по полноќ се огласи за пожарот што избувна во објектот за рециклирање на батерии и електронски отпад во Трубарево.

Иако целиот ден не даде никаква изјава за јавноста, министерот Меџити првпат се појави пред медиумите дури по завршувањето на неговите партиски активности, при што неговата изјава ја прочита директно од мобилен телефон – текст што му бил однапред подготвен.

Во изјавата, министерот побара од граѓаните да останат смирени и да имаат доверба во институциите. Тој посочи дека компанијата која управува со објектот поседува десетгодишна дозвола издадена во 2021 година, и нагласи дека Министерството заедно со противпожарните служби и другите надлежни институции веднаш реагирале и дека ситуацијата е под контрола.

Од 14:00 часот, веднаш по добивањето на информацијата за пожарот, инспекторите започнале мерења на квалитетот на воздухот, а првичните резултати се очекува да бидат објавени јавно веднаш по нивната обработка.

Тука се поставува прашањето, кои резултати министерот Тошковски веќе ги прогласи за „безбедни“ и на основа на што, кога од страна на Меџити се вели дека првичните податоци допрва ќе бидат објавени веднаш по нивната обработка?

Меџити додаде дека до тогаш, граѓаните треба да ги следат препораките на Министерството, кои имаат за цел заштита на здравјето и безбедноста.