Меџити со поддршка за протестот во Приштина: Војната на УЧК беше праведна и чиста

Вицепремиерот и кандидат за градоначалник на општина Чаир, Изет Меџити, изрази отворена поддршка за вчерашниот протест во Приштина под мотото „Правда за ослободителите“, организиран од Здружението на воени ветерани на УЧК и ОВК.

Во објава на социјалните мрежи, Меџити истакна дека оваа кауза ја гледа како повисока од изборните пресметки. „Не сакам да ја користам оваа голема кауза за изборни цели, бидејќи борбата за слобода и правда е многу поважна од какво било политичко натпреварување“, напиша тој.

Меџити повтори дека неговиот став е непоколеблив: „Војната на УЧК во Косово, во Прешево и во Македонија беше праведна, разумна и чиста.“

Тој оцени дека Косово денес е целосно суверена и функционална држава, нагласувајќи го укинувањето на паралелните структури на северот и консолидирањето на институциите.

Во обраќањето, Меџити упати критики кон иницијативата „Отворен Балкан“ и политичката елита која, како што рече, направила компромис со територијата, природните ресурси и правдата. Според него, денешното раководство на Косово се состои од лидери кои не се подготвени да тргуваат со државните и националните интереси.