Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски, ги искажа своите впечатоци по нерешените 1:1 против Казахстан во квалификациите за Светското првенство 2026, признавајќи дека првото полувреме било под очекувањата и дека морал да прави брзи корекции.
„Да можам, би ја сменил почетната постава и дел од играчите. Планот беше да се наметнеме со одредена тактика, но не функционираше, па направивме замени уште на полувремето. Второто полувреме веќе беше она вистинското лице на Македонија,“ истакна Милевски на прес-конференцијата.
Милевски објасни дека тимот бил нервозен на стартот, што било резултат на големиот напор од претходниот меч со Белгија. Тој ја пофали реакцијата на играчите во вториот дел:
„Во првиот дел загубивме многу дуели и втори топки, но реакцијата во продолжението беше токму она што го очекував. Им честитам на фудбалерите – со играта во второто полувреме заслуживме победа, но фудбалот е понекогаш суров.“
За лошиот старт, Милевски посочи дека морал да го користи Миовски на странична позиција, но бргу морал да направи корекција, бидејќи во спротивно ќе морал да прави замена „уште во 15. минута“.
„Кога ќе видам дека сите се разочарани по реми, тоа ми кажува дека имаме карактер и квалитет. Разочарувањето сега само покажува дека сме созреан тим.“
Селекторот се осврна и на досегашниот резултат, истакнувајќи дека тимот е без пораз во изминатите 14 официјални натпревари и примил само пет гола.
На крајот, Милевски најави дека на претстојниот меч во Кардиф против Велс ќе одат „да уживаат во фудбалот“.
Табела во групата по 7. коло:
- Белгија – 14 бода
- Македонија – 13 бода
- Велс – 10 бода
- Казахстан – 7 бода
- Лихтенштајн – 0 бода