Милијардерот Ибрахим Сулејманов доби притвор во Москва за сомнение за организирање убиства

Московскиот суд му одреди притвор до 2 декември на милијардерот Ибрахим Сулејманов, кој е осомничен за организирање на две убиства и еден обид за убиство. Веста ја објавија руските медиуми по денешното апсење на бизнисменот.

​Судењето се одржа зад затворени врати на барање на истражителите, кои образложија дека материјалите содржат податоци заштитени со закон, како и информации за здравјето.

​Во јавниот дел, Сулејманов изјави дека веќе бил осудуван во средината на 2000-тите години за измама и легализирање на криминални средства, кога добил повеќегодишна затворска казна, и додаде дека е „акционер“.

​Поврзаност со убиството на поранешен шеф на Федерална служба

​Според наводите на Телеграм каналот База, милијардерот се поврзува со убиството на поранешниот шеф на Федералната служба за финансиско закрепнување и стечај, Георгиј Тал, кое се случило во 2004 година.

​Тал беше убиен во напад недалеку од неговиот дом, кога непозната личност испукала повеќе куршуми во него и побегнала. Тал беше на чело на Федералната служба од јануари 1998 до јануари 2001 година, а истражителите уште тогаш се сомневаа дека нападот е поврзан со неговата професионална дејност.