Општина Аеродром, една од најдинамичните и најнаселените во Скопје, со години се соочува со предизвици кои директно влијаат на квалитетот на животот: од хроничниот недостиг на паркинг места и загушување на сообраќајот, до потребата од нови градинки и одржување на зеленилото. Граѓаните бараат не само ветувања, туку конкретни и одржливи решенија.
Разговаравме со Милутин Ристески, носителот на листата на кандидати за Советот од СДСМ и коалицијата, кој е веќе активен координатор во Советот на Општината. Тој влегува во трката со амбициозна визија за „Нов Аеродром“. Во интервјуто, г. Ристески не се задржа на критики, туку ги отвори картите и понуди детални планови за тоа како неговиот тим ќе ги реши клучните проблеми на Општината.
Разговараше: Виктор Азманоски
Азманоски: Најавувате ‘Нов Аеродром’ – кои се трите неопходни проекти кои веднаш ќе ги ставите на маса во првите 100 дена, а кои ќе имаат најдиректно влијание врз подобрување на секојдневниот живот на граѓаните (на пр. сообраќај, паркинг, зеленило)?
Ристески: Изградбата на двете градинки во Мичурин и Ново Лисиче е првиот капитален проект што мора да се стави на маса. Фактот дека околу 700 дечиња годишно остануваат незапишани во градинка во моментов е црвен аларм кој не трпи одлагање. Вториот проект е изградбата на општинска зграда. Општина Аеродром цели 20 години функционира во приватни објекти за кои плаќа скапи кирии. Повеќе од 2 милиони евра се потрошени само на кирии за овие 20 години. Замислете што сè можеше да се направи со тие средства до сега. Затоа изградбата на општинска зграда со мултимедијален центар за млади и повеќенаменски сали е вториот црвен аларм. Третиот е изградбата на мултифункционален културен центар. Недозволиво е Аеродром како најнаселена општина во Скопје на својата територија да нема ниту еден објект на културата.
Азманоски: Аеродром е познат по предизвикот со паркирањето. Кој е Вашиот иновативен и одржлив модел за решавање на овој проблем, кој оди подалеку од едноставна изградба на нови паркинг места, а вклучува модерна технологија и јавен превоз?
Ристески: Целосна реорганизација на паркирањето со изградба на паметни паркиралишта и катни гаражи е само дел од решението. Развиениот свет овој проблем го решава со намалување на потребата секое второ семејство да поседува 2 или повеќе возила. Преку изработка на план за одржлива урбана мобилност кој предвидува ефикасен јавен превоз, развиена мрежа на велопатеки, создавање на услови за безбедно пешачење преку ослободување на пешачките патеки и тротоарите, системи за изнајмување на велосипеди, тротинети и електрични скутери, како и ред други мерки кои ќе значат намалување на густината на автомобилскиот сообраќај, можеме да постигнеме состојба во која сообраќајниот метеж и хаосот со паркирањето во Аеродром ќе бидат минато.
Азманоски: Во контекст на проширувањето и урбанизацијата на општината, како планирате да ја имплементирате ‘Зелена Визија’ за Аеродром, која вклучува заштита и проширување на постојните зелени површини, а не само садење нови дрвца?
Ристески: Нашата програма предвидува реорганизација и зајакнување на комуналните и на инспекциските служби, воведување комунална полиција со широки овластувања, редовно одржување на јавната хигиена во секое маало, проширување и обнова на зелените површини, зелени кровови и фасади, како и нова урбана опрема (клупи и канти за џебен отпад на секои 150 метри). Мораме да разбереме дека редовното одржување и проширувањето на зелените површини се основен предуслов за здрава животна средина. Тоа е катчето од нашиот дом наречен Аеродром кое го користиме за уживање, одмор и релаксација. Ако така гледаме на работите Аеродром повторно може да стане најзелената општина во градот.
Азманоски: Образованието и грижата за најмладите се клучни. Како ќе го решите проблемот со недостатокот на места во градинките, и дали имате план за воведување на дополнителни едукативни програми или активности поддржани од Општината (на пр. бесплатен спорт/јазици)?
Ристески: Со изградбата на 2 нови градинки во Мичурин и Ново Лисиче, како и проширувањето на постоечките објекти на градинките планираме да создадеме доволно простор што ќе значи дека ниту едно дете од предшколска возраст нема да остане незапишано во градинка заради недоволен капацитет на градинките. Што се однесува до вториот дел од прашањето предвидовме финансиска поддршка и промоција на младите таленти, услуги за кариерен развој, како и разни доквалификации и преквалификации во соработка со едукативни центри и институции. Во таа насока предвидуваме и модернизација на просторот и целосна дигитализација на училиштата преку целосно опремување со современи едукативни, нагледни и наставни средства.
Азманоски: Голем дел од жителите на Аеродром се млади семејства. Кои се трите нови мерки или бенефиции што Вашата администрација ќе ги воведе за да ја направи Општина Аеродром најпривлечното место за живот за оваа демографска група (на пр. субвенции, помош за прв дом, поддршка за старт-ап бизниси)?
Ристески: На младите им е потребна реална поддршка, а не само празни ветувања и флоскули од типот „младите се иднината“. Затоа нудиме формирање посебна програма што ќе нуди финансиска поддршка на млади лица до 29 години што сакаат да започнат сопствен бизнис. Грантови за старт-апи до 4 000 евра по апликација. Обуки за претприемништво, дигитален маркетинг и бизнис-планирање. Консултантски услуги за пристап до национални или европски фондови.
Азманоски: Општината треба да биде транспарентна и отворена. Која е Вашата дигитална стратегија за да ја направите локалната самоуправа целосно достапна и отчетна кон секој граѓанин, вклучувајќи алатки за следење на буџетот и брзо пријавување на проблеми преку апликација?
Ристески: Во програмата за Аеродром нудиме целосна дигитализација на јавните услуги, вклучување на граѓаните непосредно во креирањето на програмите за работа, интензивна соработка со невладиниот сектор, заживувањето на урбаните заедници. Тоа се првите чекори што водат кон целосно искоренување на корупцијата и бирократските бариери со кои како граѓани секојдневно се среќаваме.
Азманоски: Аеродром има голем потенцијал за развој на локалниот бизнис и култура. Како планирате да го заживеете локалното претприемништво и да создадете нов културен центар или препознатлив белег на Општината, кој ќе го издвои Аеродром од другите скопски општини?
Ристески: Повеќе од потребна е изградбата на мултифункционален културен центар во чии рамки се предвидени киносала, театарска сцена, повеќенаменска сала за обуки и работилници, библиотека и читалница, простор за изложби, едукативни катчиња за афирмација на детско културно творештво. Културниот центар во својата програма за работа ќе понуди содржини од сите културни изрази: литература, театар, филм, музика, фолклор, ликовно творештво, реализирање научни трибини, предавања, дебатни клубови, семинари, работилници. Општина Аеродром како најголема општина во Скопје по бројот на жители нема ниту еден објект од културата. Ова мора да го промениме час поскоро. За развојот на локалните бизниси, како што веќе кажав, предвидуваме грантови за старт-апи до 4 000 евра по апликација, обуки за претприемништво, дигитален маркетинг и бизнис-планирање, како и консултантски услуги за пристап до национални или европски фондови. Ова се првите чекори кои се неопходни да се направат ако сакаме реален развој на локалните бизниси.