Минесота Тимбервулвс поведоа со 2:1 во плејоф-серијата против Лос Анџелес Лејкерс, славејќи на домашен терен со 116:104. Први победи во своите серии од првото коло забележаа и тимовите на Орландо и Милвоки.
Тимбервулвс го одбранија брејкот остварен во Лос Анџелес со уште една силна партија пред својата публика. Натпреварот беше полн со пресврти: Лејкерси поведоа со три поени на стартот, но Минесота возврати со серија од 11-0 и го презеде водството во првата четвртина. Во втората четвртина Лејкерси одговорија со серија 13-3 и на полувремето заминаа со предност од 58:54.
Минесота доминираше во третата четвртина, поведе со 85:78, но Лејкерси брзо се вратија и на стартот на последната четвртина израмнија на 86:86. Сепак, тука застанаа – Тимбервулвс брзо одговорија со пет врзани поени и ја однесоа предноста на +12, обезбедувајќи си ја победата.
Кај победничкиот тим се истакнаа МекДениелс со 30 поени и Едвардс со 29 поени, осум скока и осум асистенции. Кај Лејкерси, Леброн Џејмс беше најефикасен со 38 поени и 10 скока, Ривс додаде 20 поени, а Лука Дончиќ заврши со 17 поени (6/16 од поле, 2/8 за тројки), осум асистенции и седум скока, но и пет изгубени топки.
Четвртиот натпревар се игра повторно во Минеаполис, во недела од 21:30 часот.
На Истокот, Орландо и Милвоки забележаа први победи во сериите против Бостон и Индијана.
Орландо, со одлична игра во третата четвртина (24:11), извојува тесна победа од 95:93 над Бостон и ја намали серијата на 2:1.
Милвоки, предводен од Јанис Антетокумпо (37 поени, 12 скока, 6 асистенции) и Гари Трент (37 поени), го совлада Индијана со 117:101, исто така намалувајќи на 2:1 во серијата.