Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со Давид Оберхубер, директор на Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ) во Македонија.
Фокусот на разговорите беше зајакнување на тековната соработка и подготовките за 14. Меѓународен форум за енергија за одржлив развој, кој ќе се одржи од 28 до 30 октомври 2025 година во Скопје под мотото „Од цели до акција: Напојување на иднината со одржлива енергија“.
Форумот е во организација на Министерството во партнерство со УНДП и пет регионални комисии на Обединетите нации. ГИЗ ја потврди својата подготвеност за активна поддршка преку ангажман на експерти и концептуализација на тематски панел-дискусии.
На средбата бил направен и преглед на тековните заеднички проекти во областа на енергетската ефикасност, кои според двете страни веќе носат конкретни резултати во унапредување на капацитетите и управувањето со енергетските ресурси.
Разговарано било и за идната стратешка соработка, со фокус на нови проекти за 2026 година поврзани со енергетската транзиција, дигитализација на енергетиката и јакнење на институционалните капацитети.
Министерката Божиновска ја оцени поддршката на ГИЗ како клучна за изградба на стабилен, зелен и иновативен енергетски сектор во земјата, нагласувајќи дека Министерството останува отворено за натамошно продлабочување на ова партнерство.