Министерот за здравство, Азир Алиу, денеска потпиша Меморандум за соработка со трите најголеми приватни здравствени установи во земјава: „Ремедика“, „Аџибадем Систина“ и „Жан Митрев“. Овој чекор има за цел да се зајакне партнерството меѓу јавниот и приватниот здравствен сектор.
Меморандумот воспоставува рамка со која ќе се овозможи ангажирање на специјалистички кадар од приватните болници во јавните здравствени установи, особено во случаи на зголемени потреби, недостиг на кадар или други приоритетни здравствени барања.
Според министерот Алиу, овој потег е од клучно значење за да се стави целиот потенцијал на здравствениот систем во функција на пациентите. „Законското функционирање на сите здравствени установи е наш највисок императив. Целта е врвниот потенцијал на здравствениот систем да се стави на располагање на пациентите, преку мапирање и ставање на потребните ресурси во интерес на граѓаните“, истакна тој.
Министерството за здравство ќе биде одговорно за идентификување на потребите за кадар во јавните установи, обезбедување административна и правна поддршка и координација на соработката. Приватните болници, пак, се обврзуваат да обезбедат квалификуван кадар кој ќе биде ангажиран под јасно утврдени услови и во согласност со професионалните стандарди.
Со овој Меморандум, се очекува значително да се подобри квалитетот и достапноста на здравствените услуги за сите граѓани.