Министерството за енергетика воведува системски пристап: Државата активно се брани и покренува тужби за наплата на долгови

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС), Сања Божиновска, соопшти дека Министерството воспоставува системски пристап за правна заштита на државата во сите судски постапки и за првпат активно покренува тужби за наплата на долгови од должници.

​Божиновска истакна дека во минатото, државата била „оставена без активна правна заштита“ – не биле оспорувани клучни докази и не биле преземани мерки за застареност на побарувањата.

​„Министерството го менува тој пристап: активно се вклучува во секоја судска постапка, бара стручни вештачења, ја координира одбраната со Владата, иницира постапки за наплата на долгот на државата. Обврска ни е да ги штитиме средствата на граѓаните и ставаме ред во правните постапки,“ вели Божиновска.

​МЕРМС, по преземањето на надлежностите од поранешното Министерство за економија, затекнало шест судски предмети со вкупна вредност од 421.862.824 денари (околу 6,86 милиони евра).

​Министерката најави дека веќе има конкретни резултати од новиот активен пристап:

​Одбиени се две тужби против државата во вредност од 315 милиони денари, со што буџетот е заштитен од огромни трошоци.

​Вкупната вредност на предметите против Министерството е намалена од 421,8 милиони на 106,8 милиони денари.

​При увидот во документацијата, Секторот за правни работи утврдил дека воопшто немало поднесено тужби против должници (физички и правни лица) за неплатен концесиски надомест и други долгови.

​Како одговор на ова, Министерството покренало 17 постапки за наплата на долгови во вкупна вредност од 32,8 милиони денари, од кои дел веќе се завршени со спогодби и позитивни пресуди.

​Истовремено, на Управен суд се водат околу 20 предмети поврзани со концесии, со веќе воспоставена позитивна пракса за одбивање на тужби против државата.