Министерството за здравство реагира на денешната изјава на претседателот на Стоматолошката комора, Марјан Денковски, со тврдење дека во работата на комората биле констатирани неправилности од две комисии за надзор. Според министерството, и покрај укажувањата, комората не постапила по препораките во законскиот рок.
Од министерството велат дека одлуката за привремено преземање на надлежностите за лиценцирање на Стоматолошката комора е донесена по „сеопфатна анализа“.
Комората не постапила по препораките
„По извршениот надзор на првата комисија, формирана во 2024 година, воопшто не е постапено по препораките, односно во целост се неточни тврдењата дека комисиите ‘немаат утврдени неправилности во кој било сегмент од работењето во Комората’“, се наведува во реакцијата на министерството.
Дополнително, втората комисија дала јасни насоки и предлози за дејствија што треба да се преземат.
Врз основа на утврдената фактичка состојба, извештаите од комисиите и одлуката на Уставниот суд од 15.05.2024 година, министерот за здравство одлучил привремено да ги преземе надлежностите за лиценцирање. Целта е да се воспостави систем што ќе функционира законито, транспарентно и професионално.