Во врска со случајот на починатиот пациент на Клиниката за онкологија, Министерството за здравство излезе со соопштение во кое наведува дека пациентот бил донесен во исклучително тешка состојба, со 4-ти стадиум метастази на коски, дијагностициран пред една година.
Министерството информира дека и покрај преземените мерки за обезбедување на крвен дериват, пациентот починал додека траела процедурата. Се потенцира дека семејството на починатиот одбило да се изврши обдукција.
Во соопштението се демантираат наводите за губење на медицинската историја на пациентот, и се нагласува дека тоа нема никаква поврзаност со неговиот третман.
Министерството за здравство апелира до јавноста да се почитува интегритетот, достоинството и професионалноста на лекарите и здравствените работници. Се нагласува дека вербалните и физичките закани не смеат да бидат дел од општеството.
„Медицинските тимови постојано се соочуваат со тешки состојби и неизвесни исходи, вложувајќи максимални напори во спасување животи и обезбедување највисок можен квалитет на грижа“, се вели во соопштението.
На крајот, Министерството потсетува дека лекарите се сојузници на пациентите и нивните семејства, и дека само преку заемна доверба може да се изгради здравствен систем кој обезбедува хуман и безбеден третман за сите.