Денеска, по повод претстојниот Ден на Армијата, 18 Август, министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, се обратија пред вработените во Министерството за одбрана и Генералштабот, истакнувајќи ја нивната професионалност и посветеност.
Министерот Мисајловски изрази благодарност до сите припадници на Армијата и вработените во министерството, нагласувајќи дека нивната пожртвуваност е препознаена од граѓаните.
„Тие имаат силна доверба во вас и ви оддаваат почит и признание – за вашата храброст и посветеност“, рече Мисајловски.
Тој додаде дека веќе се реализирани многу проекти за опремување и модернизација на Армијата, а во иднина особено внимание ќе се посвети на подобрување на условите за работа на секој вработен.
Генералот Лафчиски порача дека 18 август е ден што ги обединува сите празници на командите и единиците и ги слави сите сегашни и поранешни припадници кои придонеле за изградбата на модерната македонска Армија во изминатите 33 години.
По повод празникот, делегации од Министерството за одбрана, Генералштабот, кабинетот на Претседателката, Собранието, Владата и Организацијата на резервни воени старешини положија свежо цвеќе на повеќе локации во знак на почит кон загинатите. Цвеќе беше положено пред спомен-обележјето на загинатите бранители пред Министерството за одбрана, на Партизанските гробишта, како и на гробовите на претседателите Борис Трајковски и Киро Глигоров и на генерал Михаило Апостолски.
Централната свеченост по повод Денот на Армијата ќе се одржи на 18 август во касарната „Јане Сандански“ во Штип.