Министер Алиу ветува нови лекари и модернизација на болницата во Гостивар

​Министерот за здравство, Азир Алиу, ја посети Општата болница во Гостивар во рамки на неговата иницијатива „Мобилен кабинет“. Тој информираше дека Министерството континуирано вложува во кадар и инфраструктурни проекти за да се подобрат условите и да се достигнат европските стандарди.

​Алиу истакна дека во здравството се води лоша политика, што резултира со недостиг на опрема, слаба инфраструктура и недоволно персонал. За да се надмине ова, болницата во Гостивар е зајакната со 12 приватни специјализанти и двајца специјалисти по гинекологија. Оваа година, на специјализација се испратени уште осум доктори.

​Дополнително, се очекува вработување на 37 лица во сите дејности по завршувањето на локалните избори. Министерот додаде дека Министерството ќе бара начин да не остане ниту една институција без лекар или медицинска сестра, дури и за време на предизборниот период.

​За време на посетата, министерот Алиу одржа средби со граѓани кои се пријавиле преку платформата „Отворен кабинет“. Тие споделија искуства со здравствените услуги и дадоа конструктивни предлози за подобрување на организацијата на здравствениот систем.