Министрите за финансии на групата Г7 (САД, Канада, Обединетото Кралство, Франција, Германија, Италија и Јапонија) објавија заедничка изјава дека ќе преземат заеднички чекори за зголемување на притисокот врз Русија. Нивниот фокус е насочен кон земјите кои продолжуваат да купуваат руска нафта.
Изјавата, која следеше по видеоконференција, ја нагласува важноста на трговските мерки за намалување на руските приходи поради агресијата врз Украина. Овие мерки вклучуваат тарифи и забрани за увоз и извоз.
„Ќе ги таргетираме оние кои продолжуваат, директно или индиректно, да купуваат руска нафта дури и по инвазијата на Украина“, се вели во соопштението.
Дополнително, Г7 најави: „Ќе преземеме конкретни чекори за значително да го намалиме преостанатиот увоз од Русија, вклучително и увозот на јаглеводороди.“
Иако членовите на Г7 експлицитно не ги именуваа Кина или Индија во својата изјава, одлуката доаѓа откако САД претходно ги повикаа сојузниците во НАТО да воведат тарифи за овие земји кои купуваат руска нафта.
Паралелно со министрите за финансии, и министрите за надворешни работи на Г7 рекоа дека сериозно разгледуваат трговски мерки и други ограничувања за државите кои помагаат во финансирањето на воените напори на Русија.
Американскиот претседател Доналд Трамп, иако се воздржа од воведување дополнителни тарифи за Кина, неговата администрација претходно ја таргетираше Индија со нови тарифи за увоз.