Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, учествуваше на министерска конференција во Подгорица, Црна Гора, посветена на „Капацитетите на јавните администрации за интеграција во ЕУ“.
Во своето излагање, министерот Минчев нагласи дека силата на јавната администрација не е во бројките, туку во нејзиниот квалитет и способност да испорачува резултати. Тој ја опиша како двигател на реформите, гарант на правната држава и партнер во процесот на евроинтеграциите.
Минчев истакна дека препораките од Извештајот на СИГМА не останале само на хартија, туку биле претворени во конкретни мерки и активности, интегрирани во акциски план. „Ние не гледаме на извештаите само како формалност, тие се алатка за реални промени“, рече тој, додавајќи дека реформите мора да имаат практичен ефект врз институциите и граѓаните.
Министерот ја истакна клучната улога на меѓународната поддршка, особено од ReSPA и SIGMA, како партнери во реформскиот процес.
Според Минчев, визијата на Министерството е да се изгради администрација која активно ќе придонесува во креирањето и имплементацијата на европските политики.
„Македонија не гледа на процесот на интеграција како еднонасочен пат – нашата цел е да бидеме препознаени како сериозен партнер во Унијата и пример за лидерство во регионот“, изјави Минчев.
Од Министерството нагласија дека остануваат посветени на реформите за создавање модерна, ефикасна и транспарентна администрација која ќе служи на јавниот интерес.