Миовски по потписот за Ренџерс: Подготвен сум да ја испишам својата историја во клубот

Македонскиот репрезентативен напаѓач Бојан Миовски денеска и официјално стави потпис на договор со шкотскиот гигант Ренџерс, враќајќи се во земјата каде што веќе има оставено длабока трага во својата кариера. Во првото интервју за клупската телевизија, Миовски ја изрази својата голема среќа и возбуда од враќањето во Глазгов.

„Многу сум среќен и возбуден што ќе бидам дел од овој тим. Бев пресреќен кога ја добив понудата, бидејќи добро го познавам клубот и ја знам неговата богата историја. Ова ми значи многу и подготвен сум да ја испишам својата историја во овој клуб“, изјави Миовски.

Миовски истакна дека враќањето во Шкотска за него е природен чекор, имајќи предвид дека веќе настапуваше две години за Абердин. Искусниот напаѓач додаде дека пријателите и соиграчите секогаш зборувале со најголеми пофални зборови за Ренџерс, што уште повеќе ја зголемило неговата мотивација.

„Поминав две одлични години во Абердин, а потоа заминав во Џирона каде што искусив друг начин на игра. Сепак, среќен сум што се вратив во Шкотска. Секој чекор што го правам во кариерата е моја одлука и е за доброто на моето семејство. Ќе се обидам да постигнам многу голови, да освојам многу трофеи и да дадам сè од себе за нашите навивачи“, изјави Миовски.

Миовски е уверен дека лесно ќе се прилагоди на стилот на игра во Ренџерс, бидејќи веќе има искуство со натпревари на највисоко ниво – и со репрезентацијата и со своите поранешни клубови. Тој им вети на навивачите голови, вклучувајќи ги и оние против најголемите ривали, потсетувајќи дека веќе постигнал погодоци против Ренџерс и Селтик во дресот на Абердин.

„Сакам навивачите да знаат дека ќе дадам сè од себе на секој натпревар. Овој клуб заслужува голови, трофеи и радост на трибините“, порача Миовски, додавајќи дека неговите нови соиграчи одлично го пречекале во тимот.