Архитектот Мирче Најдоски, внук на народните херои Мирче Ацев и Вера Ацева, денеска остро ја критикуваше делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ за положувањето цвеќе на Могилата на непобедените по повод 11 Октомври, обвинувајќи ги дека се потомци на оние кои му служеле на фашистичкиот окупатор и дека со своите политики ја уништуваат државата.
Најдоски смета дека чинот е „болна иронија“ и изразува прашање со кој образ луѓе што „гордо се декларираат како Бугари и носат бугарски пасоши“ се поклонуваат пред борците кои животот го дале против бугарскиот фашистички окупатор.
„Иронијата е болна, денес на тоа свето место одат потомците на оние што во Втората светска војна му служеле на окупаторот. Денес венци положуваат истите што гордо се декларираат како Бугари и носат бугарски пасоши во џебот,“ пишува Најдоски.
Најдоски тврди дека актуелните политичари ја користат државата како плен, заборавајќи дека токму „непобедените“ им ја подарија слободата, за да можат сега да ја продаваат „на рати, за по некој тендер или дипломатски пасош“.
Тој го поставува прашањето за достоинството и срамот: „Борците кои почиваат на Могила се бореа против фашизмот, а овие денес му аплаудираат. Со кој ум се поклонувате пред хероите што би ве презреле ако беа живи?“
На крајот, Најдоски, како потомок на хероите, порача дека нема да дозволат потомците на бугарските фашистички слуги да ја уништуваат Македонија.
„Историјата има добра меморија. И кога ќе заврши оваа темна епизода на лицемерие, Македонија пак ќе стои исправена, со вистинските наследници на борбата за слобода, а не со оние што ја газат со бугарски чизми и фалш патриотизам,“ заклучи Најдоски.