Мисајловски: Назначувањето на Богојески на Воената академија не е политичко вдомување

Министерот за одбрана, Владо Мисајловски, го отфрли тврдењето дека назначувањето на Петар Богојески за наставник на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ претставува политичко вдомување, по неговото повлекување од функцијата директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.

Во гостувањето на МРТ 1, во емисијата „360 степени“, Мисајловски објасни дека изборот на Богојески е направен во согласност со сите процедури, посочувајќи дека тој со години работи во Министерството за одбрана и дека постапката за негово назначување започнала пред тој да стане директор на Агенцијата.

„Постои научен совет кој заседава и го носи предлогот, а министерот за одбрана го именува наставникот согласно статутот. Станува збор за автономен процес, и јас не се мешам во изборот“, изјави министерот.

На прашањето зошто лице што, според институции на ЕУ, не било прифатливо за водење на европска агенција, би било соодветно да едуцира кадри во областа на одбраната, Мисајловски рече дека не е запознаен со такво официјално мислење.

„Процесот за преземање е започнат порано, уште пред да биде назначен за директор. Таа постапка е согласно новиот закон и не е поврзана со конкурсот за наставното звање кој вие го споменувате“, појасни тој.

Според официјалните податоци, конкурсот во Воената академија бил објавен на 14 мај, еден месец по именувањето на Богојески за директор на Националната агенција. Но, министерот инсистира дека процедурата за неговото преземање била веќе во тек.

На тврдењата дека конкурсот бил целно распишан за да се обезбеди ново работно место за Богојески, откако станало јасно дека за Брисел е неприфатлив како директор, Мисајловски беше дециден:

„Апсолутно не. Ако некој е квалификуван и може да придонесе, секој има право да добие звање согласно законот“, заклучи министерот.