Кандидатот за градоначалник на Општина Гази Баба од СДСМ, Влатко Митовски, одржа кафе-средба со младите од општината, нагласувајќи дека токму тие се „гласот на иднината“. Средбата, која ја опиша како отворена и искрена, била посветена на проблемите и потребите на младата популација.
„Енергични, искрени и полни со идеи. Разговаравме отворено, за нивните потреби, проблеми, предизвици и надежи“, напиша Митовски.
Според него, младите се соочуваат со недостаток на културни и спортски содржини, невработеност и потреба од поголема активна вклученост во општествениот живот. Тој порача дека нивниот глас мора да биде слушнат и вграден во идната програма.
Младите како двигатели на промените
Митовски истакна дека во неговата визија за Гази Баба, младите не се само набљудувачи, туку се „двигатели на промените“.
„Младите заслужуваат шанса, внимание и вистински партнер во општината“, нагласи тој, додавајќи дека оваа средба е само почеток и дека ќе продолжат со средби низ целата општина.
Кандидатот на СДСМ заврши со силна порака: „Гази Баба има енергија – младите ја носат промената!“