Кандидатот за градоначалник на Општина Гази Баба од СДСМ, Митовски, го обвини актуелниот градоначалник за „лажен ПР предизборен маркетинг“, тврдејќи дека активностите за гребење на асфалт во населбите, токму пред избори, се само на штета на граѓаните и не ги решаваат суштинските проблеми со канализацијата.
Митовски ја истакна состојбата на улицата „Палмиро Тољати“ во Ченто, каде што граѓаните се заложници на, како што рече, предизборно гребење на асфалт.
„Ова предизборно гребење на асфалт за наводно асфалтирање на улицата, токму во изборен период, е само на штета на граѓаните. На оваа улица, при најмал дожд, водата ја поплавува целата површина и жителите не можат ниту да влезат во своите домови,“ изјави Митовски.
Тој нагласи дека на улицата не е потребно само асфалтирање, туку промена на атмосферската и фекална канализација, кои се основен проблем и се ставени како приоритет во неговата програма.
Митовски посочи дека слично сценарио се случува и на други локации:
„Париска Комуна“ во Хиподром: Асфалтот бил изгребан на 10 септември, а денес жителите „само се дават во прашина“. Митовски тврди дека улицата неколку пати била преплавена со вода, а и тука е потребна промена на канализацијата и линијата за вода.
Маџари 1: Познатата „коцка“ десет месеци стои раскопана, поради што граѓаните не можат ниту да излезат со автомобилите од дворовите, ниту да паркираат.
„Ова мора да прекине, а работата да има континуитет. Време е за вистинска работа, а не за предизборен маркетинг на грбот на граѓаните. Токму затоа се бориме за нашиот дом!“, заклучи Митовски.