Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, остро реагираше на денешната изјава на пратеникот од СДСМ, Јован Митрески, упатена кон јавниот обвинител Љупчо Коцевски, во која, според него, се испраќа сериозна порака за политички притисок.
„Што значи пораката која што СДСМ денес ја упати кон јавниот обвинител Коцевски: ‘Од тебе зависи дали ќе бидеш со штитот или на него’? Тоа не е само фигуративен израз – тоа е директна порака до Коцевски да остане на позиција, да не се повлече и да продолжи да ги штити интересите на СДСМ и ДУИ“, напиша Мицевски на Фејсбук.
Според него, СДСМ со вакви пораки му дава на знаење на обвинителот дека неговата лојалност кон партијата е клучна за неговата позиција, со што, како што вели Мицевски, се потврдува дека Коцевски не дејствува независно и професионално.
„Оваа политичка ‘поддршка’ што ја добива од двоецот СДСМ–ДУИ го прави Коцевски симбол на заштитата на корупцијата. Со години нема покренато ниту една сериозна постапка против функционери на СДСМ, а тоа е уште поочигледно денес, кога партијата одби да гласа за неговата интерпелација“, истакна Мицевски.
Тој оцени дека со ваквото однесување „маските паднале“ и дека граѓаните конечно ја виделе вистинската поврзаност помеѓу обвинителството и одредени политички структури.