Мицкоски бара извинување од Фетаи и Меџити: Дали службените возила биле користени за партиски цели?

Премиерот Христијан Мицкоски денеска побара од вицепремиерите Арбен Фетаи и Изет Меџити јавно извинување, доколку навистина ги користеле службените возила за партиски активности. Повод за оваа реакција се информациите дека службените возила на двајцата функционери биле забележани доцна навечер, околу 23 часот, паркирани на булеварот кај трговскиот центар „Мавровка“, во близина на партискиот штаб на коалицијата ВЛЕН.

„Ако возилата биле користени за партиски цели или приватни средби, тогаш очекувам да им се извинат на граѓаните. Тоа се ресурси што не им припаѓаат на партиите, туку на народот. Но, ако биле на состанок поврзан со владини политики, тогаш тоа е прифатливо. Претпоставувам дека тие ќе дадат објаснување, а и јас ќе ги прашам лично“, изјави Мицкоски на настанот за пуштање во употреба на новиот затворен базен во општина Кисела Вода.

Од друга страна, градоначалникот на Тетово и еден од лидерите на ВЛЕН, Биљалл Касами, ги брани своите партиски соработници, тврдејќи дека состанокот бил поврзан со нивните институционални функции.

„Не верувам дека се состанале за политички цели без да бидам информиран или вклучен. Сигурен сум дека станувало збор за средба во контекст на нивните службени должности“, изјави Касами.