Мицкоски бара различни потрошувачки кошнички за секоја категорија граѓани

​Премиерот Христијан Мицкоски останува на ставот дека е неопходно да се изработат посебни потрошувачки кошнички за различни категории граѓани, како што се самци, млади брачни парови, семејства со различен број членови и пензионери.

​Тој нагласи дека трошоците на овие групи не се исти и не може да се третираат со иста потрошувачка кошница.

​Мицкоски информира дека на последната седница на Економско-социјалниот совет е формирана работна група во соработка со Министерството за економија и труд и Државниот завод за статистика. Целта на групата е да изработи унифицирана потрошувачка кошница која ќе ги земе предвид потребите на различни семејства и поединци.

​Премиерот смета дека ова ќе овозможи поквалитетно носење одлуки во иднина.

​Според пресметките на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), во септември на четиричлено семејство му се потребни 65.077 денари за покривање на основните животни потреби, што претставува намалување од 430 денари во споредба со август. Од таа сума, 23.394 денари се потребни за храна и пијалоци.

​Доколку четиричлено семејство живее под кирија, месечните трошоци се зголемуваат на најмалку 80.452 денари.